Прес24: Една година подоцна од почетокот на Ковид-19 пандемијата, освен здравствениот аспект, на голем удар беше и економијата. Како изгледа реализацијата на плановите на Пекабеско една година по пандемијата?
Слободан Кутревски: Пандемијата предизвикана од Ковид-19 вирусот во голема мера го предизвика работењето на целокупнатамакедонска економија, вклучувајќи го секако тука и Пекабеско. Вирусот беше голем удар по здравјето на сите, а тоа освен здравствени последици, донесе и многу оправдани отсуства од работните места поради вирусот, што понатаму се одрази врз продуктивноста, резултатите на севкупната економија итн.
Но, здравјето нема и не смее да има цена. Затоа за нас во Пекабеско ваквата објективна состојба беше причина да се прилагодуваме на промените, да се менуваме како компанија на подобро, но во исто време да го задржиме, па би рекол постојано да го унапредуваме квалитетот на нашите производи и услуги, како и да воведуваме нови палети на производи кои потрошувачите во Македонија и на извозните пазари ги очекуваа и прифатија. Таков е примерот со проширувањето на палетата на Пекабеско „слајс“ производи чија продажба во изминатава година порасна за неверојатни 5 пати. Секој потрошувач во време на пандемија се труди да ги избегне гужвите, како и да поминува колку што е можно помалку време во затворен простор при пазарењето, па овој сегмент дефинитивно бележи нагорен раст во продажбата.
Но, кога велам здравјето нема цена, сметам дека е важно да посочам дека Пекабеско како компанија во изминатава година исплаќа 100 проценти или цела плата на сите вработени кои мораа да отсуствуваат од работа поради Ковид-19. Тука мислам и на лицата на кои им беше констатирано Ковид-19 заболување, но и на сите кои поради контакт со заразено лице државата им одредува задолжителен карантин. Ова го истакнувам јавно, не за да се пофалиме, туку за да ги мотивираме сите компании кои не го примениле ова, да го сторат тоа и на секој свој вработен со ваквата одлука да му дадат дополнителна поддршка во тие тешки моменти.
Истовремено го реорганизиравме процесот на работа и ги преземавме сите здравствени мерки и протоколи за заштита од Ковид-19 така што немавме ниту еден случај некој да се зарази на работно место.
Ако се обидам да го сумирам одговорот во една реченица, би било дека резултатите и плановите по една година од пандемијата за Пекабеско се зачудувачки добри. Секакосè што наведов претходно имаше влијание и врз реализацијата на нашите бизнис планови што се должи на карантинот и различните рестрикции и мерки на домашните и странските пазари. Од друга страна како резултат на помала реализација се намалија и трошоците така што на крајот имавме финансиски резултати како во 2019 година.
Прес24: Во целиот овој период државата градеше мерки, поделени во пакети, како помош за компаниите да ја пребродат кризата. Некои, особено малите компании, не успеаја. Дали денеска бизнисот стои на стабилни нозе?
Слободан Кутревски: Факт е дека економијата добива голема помош од државата, повратна и неповратна. Овие економски пакети се многу важни за во извесна мера да се ублажат економските шокови и да се обезбеди директна поддршка за тешко погодените компании, особено за малите фирми, бидејќи во спротивно се соочени со ризик да се затворат или да го намалуваат бројот на своите вработени. Дел од секторите, како угостителство и туризам се борат со опстанок и ним навистина им е повеќе од потребен ваков ветар во грб за да може да обезбедат егзистенција и плати.
Од друга страна поголемите компании се покажаа поотпорни на кризата и со капацитет побрзо да закрепнат, што се должи на брзото прилагодување кон новите околности. И нашата компанија е меѓу оние кои останаа на стабилни нозе. Се научивме да работиме во услови на криза. Го реорганизиравме процесот на работа според сите протоколи и препораки. Директните контакти ги сведовме на минимум - ги поделивме луѓето да доаѓаат на работа во две различни групи, сите во производствените погони се на препорачаното растојание, а со оние кои работат на терен имаме онлајн комуникација. Со ваквиот пристап обезбедивме да нема застој во производството и тековната работа. Секако ние не сме единствените, тука би ги вброил и фирмите од нафтената, фармацевтската индустрија и рудниците итн.
Но, и покрај големиот обем на државна поддршка, сеуште е прерано да се каже дека целокупниот бизнис стои на стабилни нозе и дека кризата и последиците од неа се зад нас. Бидејќи стабилно работење значи работите да течат нормално и без застој што се уште не е случај. Секако охрабруваат првичните позитивни знаци на стивнување на пандемијата и започнатиот процесот на вакцинација, но далеку сме од тоа да кажеме дека кризата е надмината.
Од нашиот пример, би сакал да истакнам дека голема улога заПекабеско да успее и да опстане на стабилно тло во ковидкризатаодигра и секојдневното следење на меѓународните и националните насоки и препораки за спречување на ширењето на заразата, меѓу кои и оние од Стопанската комора на Македонија за тоа како да се однесува бизнис секторот во кризни состојби.
Прес24: Очигледно е дека и оваа година на стопанството ќе му биде потребна помош. Според Вас, во кои сегменти и во кои формати е најсоодветно таа помош да биде креирана во Вашата индустрија?
Слободан Кутревски: Помошта главно треба да се насочи кон најтешко погодените сектори, но тоа не значи дека не треба во услови на криза да им се помага и на останатите индустрии. Финансиски секако, но од голема помош се и соодветни мерки и политики со кои ќе се олесни работењето во вакви услови.
На пример, тоа што директно може нам да ни помогне, односно на индустријата на преработувачи на месо, е продолжување на мерката за намалувањето на увозните царински давачки при увоз на замрзнато свинско месо за преработка. Оваа мерка веќе неколку години се продолжува на секои шест месеци, но сега важи до крајот на мај. Доколку не се продолжи се загрозува работењето на компаниите од целата индустрија, а тоа ќе влијае и врз крајните потрошувачи бидејќи може да предизвика и предизвика скок на цените од 20 до 30%. Ние како менаџменти и компании генерално со оваа мерка не добиваме никакви субвенции и бенефиции, туку се изедначуваат условите за домашните компании да можат да бидат рамноправни со странските што увезуваат месни преработки. Постојано алармираме за овој проблем како индустриска гранка и верувам дека одговорот од надлежните институции ќе биде позитивен зашто тоа е од интерес на илјадниците вработени, но и на секој граѓанин.
Со продолжување на мерката ќе успееме посигурно да обезбедиме плати и да осигураме стабилно работење, од кое бенефит има и целокупната македонска економија и државниот буџет. Бидејќи само во нашата индустриска гранка има илјадници вработени, а придонесуваме и со милионски давачки кон државата и националниот буџет. Нашацел е да ги задржиме и да го зголемувамебројот на вработени, како и да станеме поконкурентни во однос на странските компании што ќе резултира во уште поголем извоз на нашите производи. На овој начин и државата ќе инкасира многу повеќе пари, отколку ако не ја продолжи мерката за поддршка на домашните производители и преработувачи на месо.
Ќе споменам само уште еден важен податок: Како резултат на оваа мерка во изминатите 3 години, увозот на готовите сувомеснати производи се намали за 28%, односно на таа сметка се зголеми домашно производство.
Прес24: Како вашата Компанија Пекабеско успеа да се справи и како планира во иднина да ја надминува оваа здравствено- економска криза која не знаеме кога ќе заврши?
Слободан Кутревски: Секоја криза нуди и одредени можности кои од нас зависи дали и како ќе ги искористиме. Многу е важно да продолжиме брзо да се престроиме и да се прилагодиме, но уште поважно според мене е да не се плашиме од промена и од неуспех. Тоа е моето мото кое ме води повеќе од 40 години низ работата и кое носи успеси и не мотивира да инвестираме и во време на кризи.
Едноставно, мислам дека веќе се навикнавме како да работиме во услови на криза и покажавме дека можеме брзо да се адаптираме на промени. Ако здравствената криза остане во овие рамки и немаме нови драстични шокови како на почетокот од пандемијата тогаш нема да имаме проблем во однос на работата на Пекабеско. Секако, доколку ни се случи нов силен бран кој пред се ќе ги погоди граѓаните и здравството, тогаш секако ќе трпи и работата.
Но, ќе повторам, успеавме да го креираме вистинскиот модел на работа и во променети услови со штоостанавместабилни и отпорни, како економски, така и во однос на здравствениот сегмент. Без разлика на нестабилноста во работењето и намалените капацитети, најважно е дека на крајот имаме добри резултати од работењето, стабилни работни места и соработници.
Особено сакам да ја истакнам и посветеноста и врвниот ангажман на сите наши вработени кои играат огромна улога за успехот на Пекабеско и справување со оваа криза.
Прес24: Има ли можности во услови на вакви кризи да се креираат новитети, но и да се вложува во нови инвестиции?
Слободан Кутревски: Јас сум човек кој секогаш гледа предизвик и шанса и во време на криза. Едноставно мора да излезете од зоната на комфорот ако сакате да одите напред. Не отстапуваме од нашите зацртани цели и планови – можеби мораше да се движиме малку побавно, но важно е да стасаме до целта која сме си ја поставиле.
Минатата година воведовме роботизација на производството и сега работиме на имплементација на вториот дел од овој процес. Вкупната инвестиција е во висина од над 1,4 милиони евра и е дел од петгодишен договор со државата за компании кои инвестираат во развој. За заокружување на оваа крупна инвестиција, до крајот на годинава Пекабеско ќе вложи дополнителни 400.000 евра. Очекуваме оваа инвестиција да придонесе за зголемување на производствениот и извозниот капацитет на компанијата, како и зголемување на бројот на вработени, проширување на нашето портфолио со нови производи и зголемено производство пред сè поради проширувањето на македонскиот бренд Пекабеско на пазарите ширум Европа.
Пекабеско производите, покрај во Македонија, во моментот се позиционирани и на пазарите во Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Пекабеско доби и европски извозен број така што многу активно работиме и на проширување и освојување на нови пазари, проширување на дистрибутивната мрежа и освојување на нови задоволни потрошувачи ширум целиот свет. Веќе имаме преговори со нови партнери од Хрватска со кои очекувам наскоро да отпочнеме и со конкретна соработка, што ќе значи засилен пробив на производите на Пекабеско и на европските пазари. Вакви најави за соработка имаме и со Словенија, но и со партнери од земји како што се Швајцарија, Словачка и Австрија. Според постоечките регулативи за сега можеме да извезуваме пилешки и говедски производи, но со оглед дека условите се исполнети очекувам наскоро ЕУ и формално да дозволи увоз од Западен Балкан и на производи од свинско месо кои се и најбарани од програмата на Пекабеско.
Дополнително инвестираме и серија на еколошки и проекти од доменот на јавното-приватно партнерство. Пекабеско се стекна со сертификат за заштита на животната средина IASS Env.C 2021-2023 што е потврда за воведување меѓународно стандардизирани процедури и доказ за успешност и посветеност на нашата компанијата на полето на управување со животната средина. До сега имаме вложено над 1 милион евра во опрема за еколошко производство и работа. Од 2017 година имаме сопствена прочистителна станица за прочистување на отпадните води со кои тие се пречистуваат до ниво на води од втора категорија, односно вода погодна за растителниот и животинскиот свет, а вложивме и во сопствена фотоволтаична централа од 512 kWh со што обезбедуваме сопствена еко - електрична енергија за производствениот процес. Веќе имаме планови и за нови еколошки проекти кои сакаме да ги имплементираме во секојдневното работење.
Со ваквиот концепт, Пекабеско има за цел да станекомпанија-лидер не само според финансиски резултати и присуство на домашниот и странските пазари, туку во повеќе области, вклучувајќи ја тука сферата на заштита на животната средина, општествената одговорност, грижата за заедницата итн. Но, за да се задржи ваквата позиција потребно е да се носат храбри одлуки и незапирливо да се инвестира. Едноставно, мора постојано да се вложува во унапредување и развој, бидејќи кога ќе престанете да инвестирате од тој моменткомпанијата престанува да се развива и почнува да пропаѓа.
Прес24: Одбележавте значаен јубилеј – 40 години успешна работа на Пекабеско. На кои постигнувања и успеси сте најгорд во изминативе четири декади?
Слободан Кутревски: Навистина сум горд што од една релативно мала фирма, да не речам стовариште со дваесетина вработени, преку посветена работа и вложување, успеавме да направиме една огромна компанија која сега има над 450 вработени, неколку производствени погони и која е препознаена како лидер во производството на сувомесни производи и дистрибуција.
Со исправни одлуки во вистинско време и со модернизација на нашиот процес на работа, изградивме компанија која стана значаен играч не само во Македонија туку и на просторите на цел Западен Балкан - нешто што беше незамисливо пред неколку декади. Но, не застануваме тука. Верувам дека и моите наследници ќе ги надминат овие граници и ќе не постават како препознатлив бренд на глобално ниво.
Она што најмногу ме радува, со самото растење во овие 4децении, е дека во последниве години ја поставивме компанијата на една здрава основа и таа сега функционира како една голема машина со многу делови, во која секој си ја знае својата работа. И таа машина постојанофункционира, независно од тоа дали јас или некој друг од менаџментот ќе биде отсутен. Едноставно секој се однесува домаќински кон работата, што е и најголема гаранција за успех.
Покрај тоа што продолжуваме да вложуваме во нашите капацитети, постојано планираме и зголемување на бројот на вработени. Она што не прави различни и успешни е нашето мото кое гласи - работникот секогаш мора да биде соодветно награден за својата работа, бидејќи незадоволен работник е проблем за компанијата и може штетно да влијае врз целиот систем и машината да престане да врти. Токму врз ова се ова се темели стабилноста на нашата компанијата и во вакви услови на криза.
Секако, без довербата и лојалноста кон брендот на Пекабеско која ни ја даваат потрошувачите и која постојано расте, а која се базира на одличниот квалитет, традиција на производство и безбедност на храната и реалните цени немаше да успееме изминатите 40 години. Горд сум на сè што сме постигнале до сега, кое ни дава мотив да продолжиме напред со уште позасилено темпо и многу поголеми достигнувања и успеси.
Прес24: Оваа година Македонија ќе одбележи 30 години од независноста. Многумина велат дека државата денеска на економско ниво е под она што беше економија пред распадот на Југославија. Има ли логика во тоа, или пак тоа се неспоредливи периоди?
Слободан Кутревски: Ако зборуваме за стандардот на граѓаните, тогаш ќе се сложам дека ова прашање е сосем на место. Бидејќи, за жал, денес има голем број на луѓе кои живеат под секакви пристојни услови и достоинство.
Како човек кој растел и работел во Југославија можам да посведочам дека тогаш немавме вакви класни разлики и различен животен стандард. Средната класа која тогаш беше доминантна,изминативе триесетина години речиси и да ја нема или е многу мала. Во тој систем на функционирање, со самоуправување и лесно достапни кредити сите можеа да си дозволат да одат на годишен одмор, а секој можеше да бира дали ќе студира или работи, без да има некакви импликации во однос на животниот стил.
Од друга страна, не може да се споредува нивото на технолошко-технички напредок и генерално можностите кои ги нуди отвореноста и глобализацијата кои се достапни денес многу повеќе од поранешна Југославија.
Јас сум особено горд што нашата Пекабеско приказна е поинаква од она што го донесе транзицијата. Од една мала фирма, односно барака која беше составен дел од ПКБ Белград изградивме целосно нова фабрика и огромен производствено-логистички центар. Од подружница во осумдесеттите и само дистрибутер на ПКБ, успеавме да ја изградиме македонската успешна приказна наречена Пекабеско како светски препознатлив бренд, односно компанија со сопствено производство и извоз. Од мала фирма со десетина вработени, денес зборуваме за компанија со над 450 вработени.
Во услови на криза во деведесеттите, кога многу фирми пропаднаа и огромен број луѓе останаа без работа, ние вложувавме во иднината и резултатите денес се евидентни и не прават сите во Пекабеско многу горди.
Прес24: Каде ја гледате Македонија во следните пет години, на економски план, ако почне преговори со ЕУ, или пак ако не ги почне преговорите за членство? И како тоа очекувате да се одрази на плановите на Пекабеско?
Слободан Кутревски: Една работа е јасна, во овие 30 години се докажа дека Македонија не може сама на економски план. Поради тоа сметам дека членство во Европската Унија несомнено ќе има позитивно влијание врз развојот и иднината на земјава. Тоа ќе значи поголема стабилност, работење по европски стандарди и нови можности особено на економски план за македонските компании.
Но, од друга страна одолговлекувањето на стартот на преговори носи неизвесност за сите, што секако влијае и врз бизнисот и плановите на компаниите, вклучително и на Пекабеско. Затоа е многу важно да се вложат сите расположливи механизми и човечки напори за да се најде можност (секако на достоинствен начин) да се почнат и поскоро завршат преговорите со ЕУ за да станеме и ние дел од европското семејство. Бидејќи целокупното работење на македонските стопански субјекти со чест на исклучоци, зависи од соработка со ЕУ било на страната на импутот (увозот) или аутпутот (извозот).Бидејќи за економијата членството ќе значи еден пазар, да нема повеќе камиони и колони на границите, скратени трошоци за дополнителни царини, тестови, анализи, но и можност за нови партнерства и олеснет пристап до европските пазари. Така што неспоредлив е економскиот бенефит и можностите за нас ако сме членка на ЕУ, или ако не сме.
Но, ние во Пекабеско секогаш се трудиме да одиме чекор напред и веќе се прилагодуваме и воведуваме стандарди во нашето работење според ЕУ квалитет. Затоа и ја добивме извозната дозвола за ЕУ и инвестираме многу во стандардизација и сертификација на нашето производство и крајните производи. Така што Пекабеско веќе ги освојува европските пазари, а членството во Унијата само би го забрзало и олеснило остварувањето на нашите развојни планови.